|
Проект „Велосипеди за сите“
Велосипеди кои можат да се изнајмат и да се возат низ градот Скопје, наместо да се користи автомобил, или други превозни средства кои придонесуваат во загадување на амбиенталниот воздух е задача која треба да се исполни од овој проект.
Со површина од 7.000 ha, должина од 22 km, ширина од 9 km, благи наклони од 0.1° до 0.7°, просечна температура од 4°С до 30°C, максимум 32 дена со снег, 30 дена со температури под нулата, постоечки велосипедски патеки со должина од 48,5km (од кои 1,5 km во една насока и 47 km дво-насочни патеки) придонесуваат Скопје да се вброи во градовите кои имаат одлични предуслови за користење на велосипеди.
Сообраќајниот неред и загадувањето на воздухот од истиот, стануваат големи и нерешливи проблеми. Сообраќајот има голем удел во ослободувањето на гасови кои предизвикуваат ефект на стакленичка градина. Сепак, практиката на скопскиот граѓанин е, и покрај огромниот неред и непочитување на сообраќајните правила, да го избере автомобилот за главно превозно средство. Статистички гледано, најголем број автомобили кои се среќават на улиците на Скопје во најголем процент од времето превезуваат само еден патник. Со тоа, слободно може да се каже дека секој Скопјанец кој поседува автомобил емитува дополнителен тон CO2 (јаглероден двооксид) годишно, со секојдневното користење на автомобилот.
Проектот „Велосипеди за сите“ е проект кој ќе го придвижи процесот на употребата на велосипедот како дел од урбаниот јавен превоз, односно како транспортен модел кој е пријателски за животната средина.
Времетраење на проектот:
01 април 2008 - 31 септември 2009
Цели
Генералната цел на проектот „Велосипеди за сите“ е намалување на емисиите на штетните гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина во Скопје преку промовирање на велосипедот како превозно средство.
За постигнување на оваа цел со проектот е предвидено да се остварат две конкретни цели и тоа:
1. Да се овозможи достапно изнајмување на велосипеди во Град Скопје.
2. Да се промовира велосипедот како средство за јавен транспорт.
Партнери
Центар за истражување и информирање за животна средина “Еко-свест”- Скопје www.ekosvest.org.mk
Здружение на граѓани „Проактива“ од Скопје www.proaktiva.org.mk

Здружението на граѓани „Екстрим спортс“ од Скопје www.xmkd.com
Велоспиедско-спортското друштво од Скопје „Енерџи“ www.energy-cycling.com
Проектот е финансиран преку Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд www.gefsgpmacedonia.org.mk
|